Печати
ПРЕДЛОЗИ И БАРАЊА ЗА ХУМАН ТРЕТМАН НА ЖИВОТНИТЕ

До: Претставниците на медиумите и претставниците на сите политички партии и независните кандидати за Парламентарните избори во Република Македонија

ПРЕДЛОЗИ И БАРАЊА ЗА ХУМАН ТРЕТМАН НА ЖИВОТНИТЕ


Почитувани,


Се залагаме за здраво, хумано и праведно општество и ненасилен однос кон животните, зашто односот кон животните се одразува и врз односот кон луѓето.


Во пресрет на Парламетарните избори со кои ќе се дефинира нова четиригодишна агенда, ние, Здружението за заштита на животните Анима Мунди, заедно со останатите македонски здруженија за заштита на животните засегнати сме и за стратегиите, ставот и програмите со кои партиите  ќе ги третираат животните со цел конечно подобрување на нивната состојба, заштита и благосостојба.

Следејќи ги европските тенденции и јасно дефинирани стратегии, прифатени од Советот на Европа и Светската здравствена организација (WHO) бараме да се востановат и да се спроведат хумани програми за решавање на проблематиката со животните. Тука мислиме и на животните кои ни служат за придружба – т.н. миленици, на фармските животни, водните животни и на дивите животнии. Сметаме дека е од исклучителна важност во овие програми за благосостојба максимално да бидат вклучени сите македонски здруженија за заштита на животните целејќи истите да придонесат со знаење, искуства и останати капацитети кои ги ставаат на располагање.


Уверени сме дека граѓаните на Македонија се хуман народ и дека е огромна бројката на оние кои се засегнати од третманот на животните – до сега потребите на таа бројка граѓани не се земале предвид. Ние како здружение, во име на сите тие хумани луѓе, бараме исполнување на овие начела, наведени во дописот кој Ви го приложуваме. Со вклучување на овие начела во Програмите и стратегиите на партиите кои планираат да ги реализираат во следните четири години, ќе им се даде можност на граѓаните кои се засегнати од оваа проблематика поинформирано да го дадат својот глас на изборите за онаа политичка опција која сериозно ја зема предвид и стратегијата за односот кон животните.


Долунаведените точки кои претставуваат заеднички барања на здруженијата за заштита на животни од Република Македонија ги упатуваме до сите политички партии и кандидати за претстојните Парламентарни избори. Информираме дека секој повратен одговор во однос на истите ќе биде споделен со јавноста и љубителите на животни.


1. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА И БЛАГОСОСТОЈБА НА ЖИВОТНИТЕ, во поглед на животните користени за експериментирање, фармските животни, како и да се донесе забрана за ритуалното колење.


2. Унапредување на Законот за заштита и благосостојба на животните во однос на третманот на бездомните животни и ВОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНСКА ЗАБРАНА ЗА ЕУТАНАЗИЈА (освен на неизлечливо болни единки), затоа што непостоењето на децидна забрана дава можност за произволност, нехуманост и масовно усмртување што во Република Македонија се испостави како практика. За решавање на проблемот со прекумерната бројност на бездомните кучиња ќе се применува исклучиво стратегијата на масовна стерилизација (во светот позната како залови – стерилизирај – врати) заедно со низа други мерки кои подразбираат одговорно сопствеништво на миленици и контролирана трговија со истите.

 

3. ПОЗИТИВНА НАЦИОНАЛНА КАМПАЊА ВО СОРАБОТКА СО ЗДРУЖЕНИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИ И НИВНО ИНВОЛВИРАЊЕ ВО УПРАВУВАЊЕТО И РАБОТЕЊЕТО НА СТАЦИОНАРИТЕ ЗА ЖИВОТНИ ВО РМ. Со цел да се обезбеди  дополнителна помош, адекватна примена на методата Залови, стерилизирај, врати и пред сè максимална транспарентност и доследност во спроведувањето. На здруженијата да се гледа како на активни партнери на институциите надлежни за проблемот со бездомни кучиња.

 

4. Континуирани  Програми за промоција на концептот на одговорно сопствеништво, важноста од стерилизација, вакцинација, идентификација и регистрација на домашните миленици. Со ова  ќе се превенира неконтролираното раѓање на нови единки и ќе се намали  бројот на кучиња и мачки кои сопствениците ги произведуваат односно неконтролирано ги размножуваат, а од кои најголем дел завршуваат на улица, а потоа се убиваат како мерка за запирање на нивната прекубројност.

Согласно со европските најуспешни практики ПРЕДЛАГАМЕ: оданочување на оние кои продаваат миленици и кои неконтролирано ги размножуваат, оданочување на сопствениците кои купиле миленик и го чуваат некастриран/нестерилизиран,  а  ослободување од данок за  оние кои ќе вдомат миленик затоа што помагаат во заедницата да се намали бројноста на бездомни животни и привилегии за сите кои ги стерилизираат сопствените миленици.                                                                                                                                                              Собраните средства од оданочувањето на невдомените неојаловени миленици да бидат наменети за заштита, лекување, стерилизација/кастрација на бездомни животни и субвенционирање на кастрации/стерилизации за сопствениците кои ќе вдомат бездомно животно.

5. Ја осудуваме суровоста врз животните, која од страна на институциите децениски се игнорира и толерира во Република Македонија. За таа цел по примерот на бројни европски држави, а во рамки на Законот за заштита и благосостојба на животните бараме да се даде можност за оформување/авторизирање на посебна служба, т.н. СЛУЖБА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ која би  се  занимавала  со едукација на населението, потоа превенција, евиденција, санкција за  злоставување, занемарување и напуштање на животните. Со  оглед  на  постоечката состојба, под  покровителство  на  Министерство  за  земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се овозможи авторизирање на ваква СПЕЦИЈАЛИЗИРАНА СЛУЖБА КОЈА ПРОИЗЛЕГУВА ОД ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР (Здруженијата за заштита на животни) кои имаат адекватни човечки  ресурси, постојат, успешно и во континуитет дејствуваат и се пасионирани да дејствуваат и понатаму во овој домен, исто  така  добро  го  познават  законот, и се испоставило дека само тие вршат истраги на случаи на насилство врз животните и истото го пријавуваат.

 

6. Бараме најстрого ДА СЕ ОГРАНИЧИ И КОНТРОЛИРА СЛОБОДНА ПРОДАЖБА НА ВИСОКОТОКСИЧНИ МАТЕРИИ , кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните.

7. Бараме да се адаптираат/изградат АДЕКВАТНИ ПАРКОВИ ЗА ШЕТАЊЕ НА МИЛЕНИЦИ и дружење на граѓаните, љубители на животни.

8. Да се овозможи простор за пог­ре­бу­ва­ње до­маш­ни ми­ле­ни­чици и на тој начин да бидат помогнати сите оние граѓани кои го загубиле својот миленик.  Притоа ќе примениме мерки за надминување на сериозен комунален проблем, ќе превенираме изградба на диви гробишта или во недостиг на избор, фрлање на мртви животни во контејнерите.

9. Бараме конечно ДА БИДЕ НАДМИНАТ ПРОБЛЕМОТ СО ЗЛОУПОТРЕБА  И СУРОВОСТ ВРЗ КОЊИТЕ ВО УРБАНИ СРЕДИНИ преку спроведување на повеќе чекори: одземање на оние коњи кои ќе се проценат како изнемоштени, стари, болни, повредени и нивно сместување во наменски живеалишта (прва фаза) и одземање и сместување на сите останати коњи (втора фаза) со   обесштетување на лицата кои го користеле коњот како превозно средство со соодветни превозни средства, кои ќе одговараат за непречено движење во градот и ќе го помогнат/унапредат нивното живеење и нивната работа во селектирањето на отпадот.

10. Унапредување на СПРОВЕДУВАЊЕТО на член 233 (Мачење животни) од Кривичниот законик на РМ. Задолжително е да стане практика сторителите на кривични дела кои резултирале со мачење и/или убиство и/или каква било друга форма на злоупотреба на животно да бидат соодветно казнети.

11. Во време кога во глобални рамки е ставен фокусот врз важноста од зачувување на екосистемите, водата за пиење, обработливата почва и генерално природните ресурси и уникатните природни богатства со кои располага секое национално подрачје, бараме промени во аграрната политика на Р. Македонија, односно, запирање на субвенционирањето а со тоа и поттикнувањето на сточарството и индустриското фармство, а во интерес на поттикнување и СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ЕКОЛОШКО ЗЕМЈОДЕЛСТВО и ПРОИЗВОДСТВО НА РАСТИТЕЛНИ КУЛТУРИ. Сточарството е екстремен загадувач на околината и неодржлива производствена гранка.

12 Ловот да биде препознаен како бескрупулозна форма на насилство врз животните, но и насилство и узурпација на природата, човекот, екосистемот во целост. Од ловот не страдаат само животните. Ловот го негува култот кон оружјето и дава директна можност насилството врз животните директно да ескалира врз луѓето. Конечно, бројни научни истражувања психолошки, социолошки студии потврдуваат дека индивидуи на кои им претставува задоволство да убијат друго живо битие, се потенцијални насилници и кон луѓето. Такви примери се потврдени и во Република Македонија. Од тие причини бараме најстроги САНКЦИИ ЗА КРИВОЛОВ, ЗАБРАНА ЗА ЛОВ ВО НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ, КАКО И ЗАБРАНА ЗА ИЗДАВАЊЕ ДОЗВОЛИ ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВИ ЛОВИШТА во РМ.

13. БАРАМЕ ДА СЕ ЗАПОЧНЕ ПРОЦЕС НА ЗАТВОРАЊЕ НА ЗООЛОШКИТЕ ГРАДИНИ во Р. Македонија. Зоолошките гр. се непрофитабилни, скапи, несоодветни и неповолни, декадентни и неетички, како за едукација така и за забава.

Целата програма може да се превземе од следниот линк.