Печати
ЈАВНА РЕАКЦИЈА: Итно да запре хајката на веќе стерилизирани кучиња

Почитувани,

По неколкудневното препукување на партиите за тоа кој е виновен за алармантната состојба со бездомните животни во градот при што само се креваат тензиите, но решение изостанува како по навика; се обраќаме до македонската јавност и надлежните институции бараме ургентно да се запре хајката врз бездомните кучиња кои деновиве масовно се ловат а се веќе стерилизирани и прифати нашата помош , знаење втемелено на соработката со најсилните меѓународни здруженија за заштита на животните и проценките на најефикасните светски искуства, која би значела воспоставување на контрола и постапно надминување на проблемот со бездомните кучиња што е во сечиј интерес.

 

 

По стоти пат повторуваме – кучиња има и ќе има се додека најтемелно не се дефинира одговорното сопствеништво, едуцираат и поттикнат граѓаните да вдомуваат, наместо купуваат миленици и субвенционира стерилизација на домашните миленици; стерилизацијата да биде задолжителна (освен во случаи на регистрирана одгледувачница, т.е доколку сакаат да се занимаваат со размножување и продавање да плаќаат данок) , неконтролираното размножување и напуштање на животните најстрого казнувано. Анима Мунди бара целосно раководство со програмата за контрола на бездомните кучиња и управување на стационарот Вардариште при што суштински би ја унапредиле тамошната програма и напоредно преку низа мерки делувале на коренот на проблемот, а не само симптомите кои ако ги прикриваме добиваме само привид на било каков успех.

Суштински е да се знае дека и ние не сакаме кучиња на улица, но со нивно грубо отстранување и убивање проблемот се продлабочува и тоа конечно мора да се сфати – доколку заловеното куче не се стерилизира, вакцинира и ВРАТИ таму каде што живеело, на негова територија веднаш се населува друго животно , нестерилизирано, непознато за околината, уплашено, недоверливо, што по автоматизам значи по раздразливо затоа што на новата локација се бори да преживее. Ние не можеме да ја стигнеме биолошката прогресија на животните. Новите нестерилизирани кучиња се размножуваат и проблемот станува драстично поголем затоа што за неколку месеци треба да се “бориме“ и со нивните деца, а не само со нив. Кучките со мали кутриња се оние кои штитат, глутници се создаваат само кога постои кучка во циклус – во спротивно стерилизираните животни не се агресивни затоа што имаат смирен хормонален статус и не се натпреваруваат. Во целиот процес залудно се вртиме во круг, во меѓувреме ја ставаме ја безбедноста на граѓаните на ризик и со убивањето губиме градски пари, собрани од данокот на граѓаните.

Хајката на кучињата од центар која во моментов се спроведува и за која масовно не информираат граѓаните е целосно погрешна и нехумана, основно е да се стерилизираат животните од останатите општини кои не се процесуирани а не да се ловат оние кои се стерилизирани, вакцинирани од беснило, обележани остават на улица за да улиците бидат заштитени од прилив на нови и нови единки.

Вардариште во моментов е преполно со животни кои умираат од зарази, нестручно укажана ветеринарна интервенција, создадена е масовна хистерија, ветеринарите се под притисок да убиваат.

Ни трунка подобрување нема а на ваков начин нема ни да има - ИТНО бараме ова да запре затоа што се прават сериозни грешки и продолжува целосно погрешната политика која градот ја применувал десет години наназад.

БАРАМЕ: ИТЕН прекин на неконтролираното ловење на веќе стерилизирани животни; официјализирање на влезот на активисти во стационарот како управувачко тело и суштински измени во работењето на стационарот во интерес на хумано, континуирано и одговорно спроведување на програмата Залови – стерилизирај – врати; нејзина надградба преку дефинирање итни мерки и активности со цел да се унапреди сигурноста на граѓаните и хуманиот третман на животните.

Бараме веднаш да се донесе забрана за заловување на мали кутриња кои таму само умираат од зарази а не можат да бидат стерилизирани поради нивната возраст. Бараме стационарот да биде отворен за јавност најмалку 6 дена неделно 8 часа дневно, затоа што основна негова компонента покрај стерилизациите е да овозможи вдомување .

Бараме веднаш да се укине забраната за фотографирање на кучињата во Вардариште.

Бараме Да се овозможи граѓаните да си ги повлекуваат локалните, односно колективно чуваните миленици од стационарот, да можат ги вратат на територијата на која живеат и а се охрабруваат граѓаните да бидат општествено одговорни, да ги донесат маалските миленици на бесплатна стерилизација во стационарот, без страв дека истите таму ќе бидат убиени.

Состојбата е алармантна и ние нема да ја толерираме затоа што во целиот временски вакуум масовно страдаат и умираат животните. Во нивно име и заедно со сите активисти, љубители на животни и хумани граѓани ќе ги искористиме сите институционални механизми со кои располагаме и воедно излеземе на протест.